ОСИГУРУВАЊЕ НА ВОЗИЛА

Осигурување на возила

Осигурувањето од автомобилска одговорност е законски задолжително осигурување и истото мора да биде склучено пред моментот на вклучување на возилото во сообраќај. Ова осигурување ја осигурува одговорноста на сопственикот на возилото за штети кои може да им ги предизвика на трети лица. Покритијата кои ги нуди ова осигурување се покритие за нарушување на здравјето, телесна повреда или смрт, како и покритие за уништување или оштетување на предмети. Висината на покритието е во зависност од видот на возилото. Износот на премијата зависи од видот на возилото, како и неговите перформанси (јачина на мотор, носивост, број на рег. места и друго) а со текот на годините се намалува, доколку за времетраењето на полисата не предизвикате материјални или нематеријални штети кон трети лица. Доколку сте предизвикале штети кон трети лица во времетраењето на полисата, при нејзино обновување износот ќе се зголеми без оглед во која компанија ќе продолжите да користите осигурување од автомобилска одговорност.

При патување во странство со Вашето возило задолжително треба да поседувате зелен картон. Зелениот картон е осигурување кое е поврзано со осигурувањето од автомобилска одговорност и истото може да биде склучено само во друштвото за осигурување во кое имате склучено валидна полиса за осигурувањето од автомобилска одговорност. Истекот на важност на зелениот картон е поврзан со истекот на важност на полисата за осигурување од автомобилска одговорност. Зелениот картон ги покрива штетите кои би можеле да настанат во странство, а по Ваша вина, односно со ова осигурување се покриваат штетите кои би можеле да ги причините на трети лица со Вашето возило во странство. Зелениот картон е валиден во сите европски држави кои се членки на Системот за зелен картон и истите се означени на самиот зелен картон.

Ова осигурување претставува заштита за Вашето возило. Имено за разлика од осигурувањето од автомобилска одговорност и зелениот картон со кои всушност се осигурува Вашата одговорност, каско осигурувањето е единственото осигурување кое значи заштита за Вашето возило. Со ова осигурување може да се осигураат следниве ризици (или дел од нив во зависност од видот на каско осигурувањето): сообраќајна незгода, паѓање или удар со предмет, пожар, ненадејно надворешно термичко или хемиско дејство, удар на гром, експлозија, луња, град, снежна лавина, паѓање на воздушни летала, манифестации и демонстрации, кражба и разбојништво во цела Европа, злонамерни постапки и обест на трети лица, оштетување на тапацир при давање помош на лица повредени во сообраќајна незгода, намерно предизвикана штета на возилото за да се спречи дополнително и поголемо оштетување на автомобилот, но и на други предмети или лица, поплава, порој и високи води.

Нашите услуги

За сите погоре наведени осигурувања Осигурително – брокерското друштво Седа – Брокер АД Скопје за Вас го изнаоѓа најдоброто решение, а воедно и Ви помага (посредува) во делот на реализирање на оштетно побарување.